Миленикот на македонската кошаркарска публика Лестер Бо Мекејлеб полека влегува во тренерски води откако пред неколку години ја заврши играчката кариера.
Тој сега стана тренер на Универзитетот Зомби, каде што ќе тренира деца од околу 14 години. Универзитетот Зомби е непрофитна организација и кошаркарска програма фокусирана на развој на младите.
Тоа е хуманитарна организација за деца на возраст меѓу 12 и 17 години, а примарна цел е да се обезбеди „безбедно засолниште“ за младите преку спорт и менторство.
Ова треба да биде прв чекор во тренерската кариера на Лестер Бо Мекејлеб кој додека беше активен кошаркар остави длабока трага во Македонија, Србија, Италија, Турција итн. Најголемиот успех го оствари со македонската репрезентација на Европското првенство во 2011 година кога освен пласманот во полуфиналето и освоеното четврто место, беше избран во идеалната петорка на шампионатот.


