На една недела пред продолжението на првенството, поранешниот вицешампион на Македонија, Пелистер донесе мега засилување во своите редови.
На местото на Си Џеј Вилсон, во битолскиот клуб доаѓа американскиот интернационалец Брендан Џенкинс, крилен играч кој има искуство од настапи во регионот бидејќи минатата сезона беше член на Морнар, оваа ја почна во тимот на Златибор, а играше и за хрватскиот тим Дубрава. Со Морнар учествуваше во АБА лигата и остави одличен впечаток, имајќи предвид дека во просек постигнуваше по 14 поени на натпревар, а против Црвена Звезда реализира 27.
Својот последен ангажман, минатиот месец Џенкинс го имал во Либан каде играл минатиот месец.
Пелистер го заврши есенскиот дел од сезоната во домашното првенство на третото место, со биланс 7/4, колку што имаат и МКК Куманово и Кожув. Своето деби Џенкинс ќе го забележи идниот викенд во дербито со Работнички на домашен терен.


