Македонскиот репрезентативец Андреј Шошкиќ одигра уште еден извонреден натпревар во НЦАА и даде огромен придонес во победата на својот тим Стони Брук.
Сивулфс на домашен терен ја победија Хофстра со 76-71, а нашиот плејмејкер беше најефикасен играч во екипата. Сега не го надмина личниот рекорд (27 поени), но за 32 минути на теренот, постигна 20 поени, со шут од игра 7/12 (3/6 за тројка) и 3/3 од линијата за слободни фрлања, плус четири скока и три асистенции. Интересно е тоа што Шошкиќ ги постигна првите поени на натпреварот, а на осум секунди пред крајот стави точка на победата на Стони Брук откако претходно противникот се закани дека може да направи пресврт и од -13 се доближи на само три поени негатива.
Победата на Стони Брук дополнително добива на значење бидејќи е остварена против екипа која е второпласирана во конференцијата и до ноќешниот меч имаше серија од осум победи. Тимот на Шошкиќ се наоѓа на седмото место во Костал Атлетик конференцијата со биланс 10/9.


