Македонскиот репрезентативец Андреј Шошкиќ одигра уште еден извонреден натпревар и му помогна на својот тим да дојде до нова победа.
Стони Брук на гостински терен го совлада Нортистерн со 95-80 што е трет триумф по ред за оваа екипа, а Шошкиќ беше меѓу најзаслужните за него. За 31 минута на теренот, постигна 22 поена што е негов втор најдобар ефект во НЦАА, по рекордот кој изнесува 27 поени. Ова е четврти пат нашиот плејмејкер да ја минува границата од 20 поени откако пред почетокот на оваа сезона замина во НЦАА.
Поефикасен од него ноќеска беше само неговиот соиграч Прат кој постигна 31 поен, но за 36 минути во игра.
Со оваа победа, Стони Брук дојде до биланс 4/4 против екипите од својата Конференција и е на седмото место, но со само една победа помалку од второпласираниот Чарлстон.


