Македонската кошаркарска репрезентација ќе има нов стручен штаб во иднина бидејќи по селекторот Марјан Илиевски, националниот тим го напушта и еден од неговите помошници.
Во репрезентацијата повеќе нема да биде Мирко Петрески кој беше дел од тимот на Илиевски, како асистент, заедно со Борче Даскаловски и Миодраг Тодоровиќ. Дојде во јуни, ги одработи претквалификациите за Светското првенство 2027 и потоа стартот на претквалификациите за ЕП 2029.
„Благодарен сум за можноста што ја добив да бидам дел од стручниот штаб на македонската сениорска репрезентација. Ги почитувам челниците на Кошаркарската федерација, но не гледам смисла да останам во националниот тим кога таму повеќе не е Илиевски. Јас дојдов на негово инсистирање, имавме одлична соработка и жалам што мораше вака да се заврши бидејќи направивме одлична атмосфера во репрезентацијата и ја помрднавме од дното. Им посакувам многу среќа и успех на сите што ќе работат во иднина“, изјави Петрески за КОШ.МК.
Гостиварецот беше член на шампионската генерација на Николферт кој во 2000 година ја освои титулата во македонското кошаркарско првенство, прекинувајќи ја доминацијата на Работнички. Со тренерскиот занает почна да се занимавва по завршувањето на играчката кариера, низ неговата приватна школа Петрески поминаа стотици деца од Гостивар, некои од нив направија блескави кариери и во моментов настапуваат во македонските суперлигаши. Пред да стане дел од стручниот штаб на репрезентацијата, Мирко Петрески работеше како асистент во турскиот прволигаш Бурса со кој во 2022 година стигна до финалето од Еврокупот.


