Поранешниот шампион на Македонија, Работнички ќе го продолжи домашното првенство со само еден странски кошаркар.
Во тимот на Владимир Мирковски остана само хрватскиот интернационалец Роберт Рикиќ откако си замина и последниот Американец – Брендон Алстон. Тој одигра само три натпревари пред крајот на „есенската“ полусезона на кои беше еден од најдобрите во составот, со просек од 19 поени, 4,3 скока и 2,3 асистенции.
Американецот веќе има нов клуб, Ал Карамех од Сирија каде ќе ја продолжи кариерата. Работнички повторно се наоѓа во исклучително тешка состојба, има најави за заминување и на други кошаркари и прашање е како ќе ја доигра оваа сезона.
Првиот меч од втората полуетапа го има в недела од 19 часот против Пелистер со кого имаше проблеми и на првиот меѓусебен меч од оваа сезона и на домашен терен загуби со 40 поени разлика.


