Со два натпревара, денеска официјално почнува „пролетниот“ дел од првенството во македонската кошаркарска Суперлига чии клубови непланирано беа на пауза две недели повеќе од планираното.
Паузата од еден месец донесе големи промени во некои од клубовите поради што во следните 11 кола, а потоа и плејофот и плејаутот се очекува голема драма во борбата за врвот и за опстанокот. Ништо не смени лидерот ТФТ кој со истите сили ќе се обиде да остане таму каде што е и евентуално да стигне до ново финале.
Шампионот МЗТ Скопје ќе го има Танасковиќ, а остана без двајца кошаркари кои немаа големо влијание во ротацијата, Работнички е во уште потешка ситуација отколку во првата полуетапа затоа што остана со само шестмина сениори, Пелистер смени половина од странците, а МКК Куманово се засили со Стојан Ѓуроски.
Во долниот дел на табелата, најбурно беше во „фенерцијата“ Ангели кој донесе тројца нови кошаркари и заедно со двајцата Американци кои дојдоа во декември, ќе се обиде да обезбеди опстанок во елитната конкуренција. Гостивар остана без најдобриот стрелец во лигата, а Тиквеш ќе мора да најде начин да се избори за опстанок.
Дерби на првото „пролетно“ коло требаше да биде дуелот меѓу Пелистер и Работнички, но со оглед на случувањата во Градски парк, нема да биде изненадување ако се повтори исходот од првиот меѓусебен меч кога битолчани во Кале славеа со 40 разлика. Затоа внианието го привлекува дуелот меѓу ТФТ и Кожув кој е на програмата в понеделник.
ДВОЈКИ ЗА 12.КОЛО
24.01.2026
Ангели – Феникс 17:00
Тиквеш – Гостивар 18:00
25.01.2026
Маџари – МЗТ Скопје 16:00
МКК Куманово – Чаир 18:00
Пелистер – Работнички 19:00
26.01.2026
ТФТ – Кожув 16:00


