Екипата на Феникс на убедлив начин го почна вториот дел од сезоната во кој ќе се обиде да заврши во топ-6 и да продолжи во делот кој продолжува во борбата за титулата.
Во првиот натпревар, тимот од Гази Баба го совлада градскиот ривал Ангели како гостин со 99-60, демонстрирајќи сила, каква малкумина очекуваа. Победата добива на значење бидејќи во добар дел од второто полувреме во игра беа кошаркарите од школата и речиси сите ја искористија минутажата.
По релативно неизвесната прва четвртина, клучни беа вториот и третиот период кои Феникс ги доби со 58-27 и тогаш ја стекна разликата што му ја донесе победата. Во втората четвртина гостите направија серија од 12-0, а во третата со 13-0 по што отидоа на +34, додека највисоката предност изнесуваше 44 разлика (97-53) на нешто помалку од три минути пред крајот.
Млаадиот Амар Грбовиќ беше најдобар играч на Феникс со дабл дабл од 15 поени и 10 скока, а уште четворица кошаркари на Феникс беа двоцифрени. Рубин Стефанов единствен кај Ангели имаше двоцифрен ефект – со 13 поени.


