Поранешниот шампион на Македонија, Тиквеш си ги зголеми шансите за опстанок во елитната конкуренција откако вечерва славеше на домашен терен против директниот ривал Гостивар со 81-73.
Гостите долго време беа рамноправни, па и подобри на теренот, но во последната четвртина снемаа сили и останаа без триумфот. Практично, одлучи серијата од 10-0 кон средината на последниот период со која Тиквеш од негатива, отиде на недостижни 72-64.
Гостивар подоцна се доближи на еден посед негатива (69-72), но немаше сили за нов пресврт кој би значел и победа. Со тоа, екипата на Александар Петровиќ остана со само два триумфа сезонава и му претстои жестока борба за опстанок во Суперлигата. Со оваа победа, Тиквеш ја прекина серијата од четири порази, а дојде и до првото славје на домашен терен по 25 октомври кога го совлада Чаир.
Тиквеш го имаше тандемот Хоукинс-Глигоријевиќ кој блескаше на овој натпревар. Првиот постигна 21 поен, седум скока и асистенции, а вториот беше најефикасен со 25 поени и седум скоока. Црниќ го предводеше Гостивар со 25 поени.


