Откако доцнеше околу половина час, дуелот меѓу МКК Куманово и Чаир е прекинат по само 102 секунди игра.
Причината за тоа е лизгавиот паркет во Спортската сала во Куманово поради што за малку не дојде до потешка повреда кај некој од играчите. Кошаркарите на двата тима едвај се движеа на теренот, внимаваа да не се лизнат, но Четмен не успеа да се спаси и остана испружен на паркетот.
Главниот судија на мечот Иван Мијалковски виде „колку е саатот“ и веднаш донесе конечна одлука, натпреварот да биде прекинат. Четмен помина добро, нема повреда и ќе биде способен да игра.
Натпреварот ќе се доигра утре со почеток од 19 часот, ако во меѓувреме се создадат нормални услови за игра. Ова е вторпат сезонава натпревар во Куманово да биде одложен откако истото се случи на почетокот, кога таму требаше да гостува Феникс.
*Критичниот момент на видеото може да се види на 36:20 минути


