МЗТ Скопје привремено го презеде врвот на табелата во Суперлигата откако попладнево славеше на гостувањето кај Маџари со 87-76.
Аеродромци ќе преноќат на врвот, барем до утрешниот меч на ТФТ против Кожув, а и натаму се без пораз на терен оваа сезона во домашното првенство. Денеска мораа добро да се испотат за да го совладаат амбициозниот ривал, но на крајот ја остварија својата цел.
Маџари одлично почна, ја доби првата четвртина со 24-22, а на стартот имаше и осум поени разлика (11-3). МЗТ брзо се консолидира, постигна девет поени во низа, а меѓу првата и втората четвртина направи уште една серија, од 12-0 по која отиде на 32-24. Нешто подоцна, предноста беше и двоцифрена, на голем одмор се замина со 47-35 за гостите, но отпорот на Маџари не заврши тука.
Кошаркарите на Маџари константно притискаа, на почетокот од последната четвртина се доближија на 61-66, но се беше готово на помалку од пет минути пред крајот кога МЗТ поведе со највисоки +17 (83-66).
Својот најдобар натпревар оваа сезона го одигра репрезентативецот Марин Петков кој постигна 26 поени со шест скока и пет асистенции за индекс 31. Долго време тој беше единствен двоцифрен во редовите на МЗТ Скопје, се до финишот кога се вклучија и другите играчи. Кај Маџари, убедливо најдобар беше Амар Хот со 15 поени и 14 скока.


