Иако сезонава резултатите не се на посакуваното ниво и тешко тимот ќе успее да обезбеди пласман во плејофот, Далас Маверикс има ѕвезда во подем која ќе може долго време во иднина да ја води екипата.
Купер Флег е достоен наследник на Лука Дончиќ и можеби единствена позитивна работа од функционирањето на Нико Херисон. Првиот пик на последниот драфт одигра историски натпревар ноќеска и иако не успеа да му донесе победа на Далас, запиша бројки кои тешко дека ќе бидат достигнати во иднина. Мавс на домашен терен загубија од Шарлот со 121-123 што е трет пораз во низа, но тоа остана во втор план и во сенка на она што го правеше Флег.
Младиот кошаркар на Далас го заврши натпреварот со 49 поени и тоа со одличен шут од игра (20/29), а додаде уште 10 скока и три асистенции. Со ова Флег стана кошаркар со најмногу постигнати поени на натпревар како тинејџер, имајќи предвид дека во декември наполни 19 години. Досегашниот рекорд го држеше Клиф Робинсон и тоа од 9 март 1980 година кога, како член на Њу Џерси Нетс постигна 45 поени против Детроит.
Шарлот имаше соодветен одговор во Кон Кнупел кој исто така ја игра својата прва сезона во НБА откако лани беше избран како четврти пик на драфтот. Кнупел и Флег минатата сезона играа заедно во тимот на Дјук, а кошаркарот на Шарлот е една година повозрасен од својот голем пријател. Кнупел го заврши натпреварот со 34 поени, исто така со добар шут од игра (10/16), па двајцата млади кошаркари беа во центарот на вниманието на натпреварот одигран во Далас.
За жал и Далас и Шарлот во моментов се надвор од топ-10 во своите конференции и ќе водат тешка битка за пласман барем во плејинот.
РЕЗУЛТАТИ
Филаделфија – Сакраменто 113-111
Вашингтон – Милвоки 109-99
Атланта – Хјустон 86-104
Чикаго – Мајами 113-116
Далас – Шарлот 121-123
Денвер – Бруклин 107-103
Феникс – Детроит 114-96
Минесота – Оклахома 123-111


