Екипата на Гостивар остана во игра за опстанок во Суперлигата откако вечерва го совлада тимот на Ангели на домашен терен со 94-65.
Гостиварци со тоа ја прекинаа серијата од пет порази и се израдуваа на триумф првпт по два месеца, односно по 23 ноември кога пред своите навивачи го совладаа Пелистер. Денешната победа беше највисока за Гостивар сезонава, а втора во дуелите со директниот ривал за опстанок Ангели.
Голем дел од работата, домаќинот ја заврши во првата четвртина која ја доби со 24-13, но се беше решено во третиот период во кој Ангели постигнаа само шест поени. По 30 минути игра, на семафорот стоеше 71-41, па последниот квартал остана само како формалност за двете екипи.
Леонид Тодоровски го одигра својот убедливо најдобар натпревар и оствари дабл дабл со 22 поена и 11 скока, четири пати повеќе од својот просек во двете статиистички категории. Рубин Стефанов ги предводеше Ангели со 17 поени.


