Најтрофејниот клуб во македонското кошаркарско првенство Работнички повторно минува низ криза како што имаше 12-13 години и не се гледа излез од сушата во однос на трофеите која трае од 2019.
Не само што е далеку од борбата за титулата, туку во прашање е доведен и опстанокот бидејќи разликата со екипите што се во зоната за испаѓање изнесува само еден бод. Сезонава низ клубот поминаа голем број кошаркари кои не се задржаа долго и си заминаа поради големите долгови, а пари се должат и од минатите години, како за играчи, така и за тренери.
Како резултат на сето тоа, денеска навивачката група Сити Парк Бојс го крена гласот и побара оставка од Управата на клубот.
Меѓу другото, најзагреаните симпатизери на Работнички бараат отчет на сите влезни и излезни средства од клубот, а во исто време објавија дека ќе ги бојкотираат сите натпревари на екипата на домашен терен. Работнички требаше одамна да се врати во својот дом во Градски парк, ама салата која е во фаза на реновирање никако да биде пуштена во употреба.


