Работнички вечерва го игра натпреварот против ТФТ, но дуелот место во Градски парк, како што беше одамна најавено, се игра во Кисела Вода.
Навивачката група Сити Парк Бојс уште вчера најави дека нема да присуствува на овој меч и го одржа ветувањето, но не ја пропушти можноста да испрати жестока порака до градоначалникот на Центар во врска со салата во Градски парк.
„Салата во Градски парк е срам, а не место за лажен ПР срам“, пишуваше на транспарентот закачен на трибината во салата „Независна Македонија“.
Првите најави за Градски парк беа дека ќе биде готова до септември и Работнички таму ќе ја почне сезоната. Потоа градоначаланикот Горан Герасимовски уште неколку пати се сликаше и најавуваше нејзино отворање на дербито против МЗТ Скопје кое се одигра кон средината на декември, но завршува и јануари, а од салата нема абер и покрај тоа што екипата тренира таму од почетокот на оваа година. Следниот термин кога Работнички би можел да ја промовира салата е 21 февруари против Кожув, но прашање е и до тогаш дали ќе биде се подготвено.


