Екипата на Тиквеш е четвртиот тим сезонава, на вкупно седум натпревари, што успеа да го совлада Кожув во Гевгелија.
Кавадарчани, кои повеќе победи имаат на гости, отколку пред своите навивачи, славеа во Гевгелија со 79-78, во исклучително драматичното дерби на југот. Ниедна екипа не успеа да направи повисока предност од осум поени, а клучниот кош, за победа на Тиквеш, беше постигнат на 12 секунди пред крајот.
Гостите го диктираа темпото во финишот, па и ја добија последната можност за кош за победа. По неколку промени на водството во одлучувачките минути, Парсонс погоди при водство на Кожув со 78-77 и му донесе победа на Тиквеш. Во последниот напад, Пурвис имаше шут за триумф на гевгелискиот тим, но беше непрецизен.
Парсонс беше и најефикасен играч кај Тиквеш со 23 поени, а се истакна и Бошалески со дабл дабл од 11 поени и 10 скока. И Вашингтон застана на 23 во тимот на Кожув кој лошо го почна вториот дел од сезоната, со порази од ТФТ и Тиквеш.


