Екипата на Феникс ја оствари третата победа во последните четири кола и вкупно шеста сезонава откако денеска на домашен терен го совлада фаворитот за висок пласман МКК Куманово со 86-84.
За кумановскиот тим ова е трет пораз по ред и четврти во последните пет кола поради што е извесно дека ќе падне најмалку на петтата позиција на табелата. Новата година почна лошо за него ако се знае дека во досегашните три кола загуби од Чаир, Маџари и денеска Феникс.
Почетокот на натпреварот не навестуваше пораз за МКК Куманово бидејќи по пет минути игра гостите имаа двоцифрена предност (16-6). И на крајот од првата четвртина оваа екипа имаше високо водство (28-19), но драмата допрва почнувашеч. Феникс ја отвори втората четвртина со серија од 8-0, нешто подоцна израмни на 30-30, а на четири минути пред крајот на полувремето веќе водеше со 36-34. Неверојатно изгледаше семафорот по 20 минути игра затоа што домаќините на голем одмор заминаа со осум поени предност (49-41).
МКК Куманово не се предаде, во третиот период се погрижи за нов пресврт, на пет минути пред крајот поведе со 75-68, но не успеа да го дотолчи противникот. Клучна беше серијата од 7-0 шшто ја направи Феникс за водство од 85-82, Луковиќ со две слободни фрлања намали на -1, но Метјус стави точка на мечот.
Токму Метјус, заедно со Дајсон, беа најефикасни кај Феникс со по 18 поени. Максим Митевски со 26 го предводеше МКК Куманово, а домаќините завршија огромна работа со тоа што го запреа Луковиќ на само 11 поени и седум скока.


