Екипата на Тиквеш ја оствари третата победа во низа, а на Работнички му го нанесе петтиот пораз по ред.
Кавадарчани вечерва славеа со 85-74 во најлошиот меч што Работнички го одигра од почетокот на оваа година откако претходно тесно загуби од Пелистер и ТФТ. Иако победникот се решаваше во последните десет минути, клучна се покажа втората четвртина која домашниот тим ја доби со 31-10, на голем одмор замина со 15 поени разлика (47-32) и повеќе немаше враќање за Работнички.
Интересно е тоа што гостите одлично го почнаа натпреварот, водеа со 15-6 во шестата минута. Тиквеш брзо се консолидираше, до крајот на четвртината се доближи на само четири поени негатива, а во втората, со неколку серии, отиде на огромна предност. Работнички, сепак, не се предаде, во третиот период направи серија од 14-0 и се доближи на само два поена (48-50), ама очигледно играчите се потрошија, па Тиквеш потоа брзо отиде на нова двоцифрена предност (61-51). Тоа беше крај и на надежите на Работнички дека може да дојде до победа и крај на губитничката серија.
Хоукинс и Хенри го предводеа Тиквеш со по 16 поени, а на Работнички не му стигна Рикиќ кој повторно имаше дабл дабл, сега со 20 поени и 13 скока.


