Екипата на Гостивар остана без тренер пред утрешното гостување кај шампионот МЗТ Скопје откако управата на клубот и досегашниот предводник Александар Петровиќ постигнаа спогодба за раскин на соработката.
Искусниот стручњак го презеде тимот пред крајот на ноември како наследник на Љупчо Малинков и во својот прв меч направи изненадување, совладувајќи го Пелистер на домашен терен. Оттогаш Гостивар одигра уште седум натпревари и доживеа шест порази, како последица на што се наоѓа на претпоследната позиција на табелата, со биланс 3/11. Петровиќ најверојатно привремено ќе ја напушти македонската кошарка и ќе се пресели во Ниш, каде ќе го преземе тамошниот српски прволигаш Константин.
Што се однесува до Гостивар, засега е неизвесно кој ќе ја води екипата на утрешниот натпревар против МЗТ Скопје. Клубот е во потрага по нов тренер, во комбинација е и еден поранешен селектор на Македонија, но повеќе детали на оваа тема треба да има во текот на денов.


