Капитенот на женската македонска репрезентција и една од најдобрите македонски кошаркарки во историјата Анџелика Митрашиновиќ официјално објави крај на својата играчка кариера.
Во пензија заминува на 32-годишна возраст и сигурно ќе остави голема празнина во националниот тим бидејќи станува збор за извонреден професионалец и апсолутен лидер на оваа генерација. Таа е сопственик на неколку рекорди во македонската кошарка и во репрезентацијата, најважниот од нив по бројот на поени, остварен при својот последен настап, во ноември годинава кога стигна до 419 поени и ја надмина Моника Гавриловска.
„После сите овие години, дојде време да се збогуваме со професионалната кошарка. Од сонување како дете до живеење како професионалец – оваа игра го промени мојот живот на начини што не можам целосно да го опишам.
Ми даваше лекции, незаборавни моменти и второ семејство. Преку пожртвуваноста, напорната работа, повредите, победите и загубите – секој чекор ме обликува тоа што сум денес. Заминувам со полно срце и бескрајна благодарност. Дресот може да се симне, но љубовта кон играта никогаш нема. Ова не е крајот – тоа е почеток на ново поглавје“, напиша Митрашиновиќ во своето проштално писмо.
За деценија и пол, колку што беше професионална, таа играше за Младинец, Бадел, Челик, Будуќност, Баскет Кам, Вардар, Тарб, Монтана, Плештанске Чајки и Фибург. Последното големо признание во кариерата го доби пред крајот на 2025 кога од Кошаркарската федерација беше прогласена за кошаркарка на годината.


