Вторпат во период од два дена, екипата на ТФТ ја мина границата од 100 поени и дојде до убедлива победа, овојпат во домашното првенство.
Откако во средата постигна 107 против босанскиот Студент во АБА 2, тимот од Тафталиџе денеска го совлада Чаир во градската пресметка со 111-91, а овие 111 поени се тимски рекорд за оваа сезона. Тоа е 13. триумф за ТФТ оваа сезона и седми во низа и со него ја задржа челната позиција на табелата на која се наоѓа од почетокот на сезоната.
Еден од најважните елементи и фактори за победата на ТФТ на дуелот со Чаир беше фантастичниот шут од дистанца бидејќи домаќините на овој меч, безмалку половина поени постигнаа од тројки. Погодија дури 18 тројки од 39 обиди (46%) и со тоа ги урнаа сите надежи на противникот дека може да дојде до изненадување.
И Чаир одигра ефикасен натпревар, добро се држеше до средината на третата четвртина кога и водеше со 74-71, но ТФТ потоа направи серија од 11-0 и се оддалечи на пристојна предност. Чаирчани тотално капитулираа во последниот квартал во кој ТФТ перманентно го зголемуваше водството и стигна до највисоките +23 по кои беше јасно како ќе заврши мечот.
Гордон со 25 поени го предводеше ТФТ, постигнувајќи шест тројки од осум обиди, Ташовски додаде 22, а Дејвис 15. Кај Чаир се истакна Стардиварт со 24 поени, но гостите имаа дури 20 загубени топки, за разлика од само деветте на ТФТ.


