Легендарниот македонски кошаркар Перо Блажевски е назначен за нов тренер на Гостивар, откако денеска клубот се раздели со Александар Петровиќ.
Иако во комбинација беше и еден поранешен селектор на македонската репрезентација, управата на Гостивар се одлучи за Перо Блажевски кој со ова се враќа во домашната кошарка како тренер. Својот последен ангажман тој го имаше во тимот на Маџари во 2023 година, претходно го водеше Кожув во 2022 година, како и МЗТ Уни Банка во сезоната 2021/22 кога овој тим се натпреваруваше во Првата лига (сегашна Суперлига). Освен во овие три клуба, легендата работеше како асистент и во Струмица и Работнички, како и во македонската репрезентација.
Интересно е тоа што своето деби на клупата, Блажевски ќе го забележи на дуелот против МЗТ Скопје, клубот каде ја достигна најголемата слава и со кого пред безмалку три децении го победи Реал Мадрид, а тој ги постигна клучните слободни фрлања.


