Дури во четвртиот меч, екипата на МКК Куманово ја оствари првата победа во новата година откако попладнево славеше на гостувањето кај Ангели со 99-70.
На претходните три меча, кумановци загубија од Чаир, Маџари и Феникс, па денеска против „фенерџијата“ мораше да ја крева самодовербата пред завршниот турнир од Купот на Македонија. Немаше проблеми и работата ја заврши уште во првото полувреме во кое постигна 54 поени и водеше со 18 разлика.
Доминацијата, сепак, продолжи и во вториот дел во кое гостинските кошаркари перманентно го зголемуваа водството, до највисоките +34 (88-54), кон средината на последната четвртина.
Стевановиќ со 28 поени беше најефикасен кај кумановци за кои Стојан Ѓуроски постигна 23 поени во најдоброто издание откако се пресели во МКК Куманово. Андреј Настовски ги предводеше Ангели со 21 поен.


