Три дена откако го совлада тимот на Маџари во истоимената скопска населба, тимот на Пелистер на истото место оствари уште една победа, четврта во четвртиот натпревар во новата година.
Битолчани славеа против Феникс со 95-80 и ја продолжи потерата по водечкиот тандем ТФТ-МЗТ Скопје со тоа што се бетонира на третото место на табелата. Најголемиот дел од работата денеска го заврши во втората четвртина која ја доби со 29-13, па потоа до крајот на мечот не му дозволи на противникот да ја доведе победата во прашање.
Одлучувачка беше серијата од 18-0 која Пелистер ја направи во тој втор квартал со која од 22-22, отиде на 40-22. Феникс во тој период беше без поен нешто повеќе од шест минути. Оттогаш до крајот на мечот, домаќините само еднаш намалија на едноцифрена негатива, додека Пелистер во второто полувреме водеше и со 27 поени разлика.
Вилсон со 22 поена беше најефикасен кај Пелистер, додека Дејвид оствари дабл дабл со 21 поен и 10 скока. Метјус го предводеше Феникс со 14 поени.


