Екипата на ТФТ е првиот полуфиналист во Купот на Македонија откако без поголеми проблеми го совлада градскиот ривал Феникс со 98-71.
Клучни беа втората и последната четвртина кои тимот од Тафталиџе ги одигра на нешто повисоко ниво и тука ја направи главната разлика во однос на ривалот. Феникс добро го отвори натпреварот, водеше со 12-3 по неполни четири минути игра, но не успеа да го одржи водството и нивото на игра долго време.
Водството на екипата од Гази Баба се одржуваше до средината на вториот период, а потоа ТФТ со неколку серии не само што успеа да го сврти резултатот во своја корист, туку на голем одмор замина со огромни +12 (46-34). Следуваше стабилизација во третата четвртина за во последните десет минути ТФТ повторно да додаде гас и да го докусури својот ривал.
Дури седуммина кошаркари на ТФТ постигнаа двоцифрен број поени, најмногу Зафиров 19. Андреј Стојановски го предводеше тимот на Феникс со 16 поени и осум скока.


