На денешен ден во 1946 година, Кошаркарскиот клуб Работнички го одиграл првиот официјален натпревар, кратко откако е формиран колективот кој подоцна стана синоним за македонската кошарка.
На 2 и 3 август 1946 година, било одржано Првото кошаркарско првенство во Македонија, на изменет терен на Градскиот стадион Скопје, кое всушност служело за квалификации за Југословенска кошаркарска лига за сезоната 1946. Тоа првенство било во рамките на Вториот фискултурен слет и тогаш учествувале кошаркарските клубови Македонија (за нецела година, по соединувањето на неколкуте спортски друштва, клубот бил преименуван во Вардар), Работнички и Ванчо Прке од Штип. Тогаш Работнички го победил Ванчо Прке со 30-8, а на вториот натпревар загубил од Македонија со 18-30 и со тоа Македонија се стекнала со право да биде учесник во втората сезона (прва сезона со клубови) на елитната лига.
За Работнички тогаш настапувале Славко Матовски, Драган Лукоски – Аџија, Трајан Ивановски, Борис Анастасов, Атанас Радевски, Војче Димитровски, Илија Ќовкаров и др. Од основањето на клубот повеќе години, дел од машката екипа на Работнички биле и Никола Матовски, Лазаревиќ, Христовски, Стојановски, Димовски, Стефан и Тошо Тодоровски, Димовски, Атанасовски. Откако станал вицепрвак во 1946, Работнички потоа освоил седум Првенства на Македонија (1947, 1948, 1949, 1950, 1951, 1952 и 1953 година). Во 1953 година му успеало да се пласира во елитната Југословенска кошаркарска лига. Работнички се натпреварувал во Првата сојузна лига – Исток, но само една сезона. Од тоа време вреди да се напомне и третото место на Државното младинско првенство во 1957 година.
Во овие 80 години од своето постоење, Работнички стана еден од најуспешните спортски колективи во земјава. Повеќе сезони помина во елитната дивизија во југословенската кошарка, пред половина век играше полуфинале во тогашниот Куп „Радивој Кораќ“, во 1992 година заврши како третопласиран во југословенското првенство, а од осамостојувањето на Македонија освои 15 шампионски титули и 10 трофеи во Купот.
Од далеку познатата школа на клубот излегоа и голем број македонски кошаркарки ѕвезди, меѓу кои и единствените Македонци освојувачи на трофеи во Евролигата, Петар Наумоски и Перо Антиќ, како и единствениот репрезентативец на Југославија од Македонија, Благоја Георгиевски Буштур.


