Пред два дена се одржа Собрание на АБА во онлајн формат, а веднаш по него, организацијата објави информација дека истото ќе продолжи на 14 април кога ќе бидат носени конкретни одлуки.
Иако нема ништо официјално, медиуми од регионот тврдат дека сите одлуки се пред изгласување, но останал без соодветна дебата предлогот за проширување на АБА лигата. Станува збор за идеја за зголемување на бројот од 16 на 20 екипи, веќе од идната сезона, но и укинување на националниот клуч по што од секоја држава би можеле да учествуваат неограничен број екипи.
Ако се усвои предлогот за проширување на лигата, таа ќе биде поделена во групи од по 10 учесници, а првите пет пласирани од двете групи ќе го продолжат натпреварувањето во топ-10 фазата, додека остана ќе се борат за опстанок. Бодовите од првата фаза се пренесуваат во второто и место 30 кола, ќе има 28.
Интересно е тоа како ќе се пополнат преостанатите четири места во регионалното натпреварување. Извесно е дека едно место ќе му припадне на шампионот во АБА 2, медиумите од БиХ тврдат дека второто е резервирано за специјална покана за поранешниот европски шампион Босна, а најсериозни кандидати за преостанатите две се Клуж од Романија и Абу Даби од Обединетите Арапски Емирати. Прашање е дали Абу Даби ќе успее да формира тим за толку кратко време, но засега стои како опција.
Македонија засега не влегува во ниедна комбинација, па нема да биде изненадување ако и идната сезона биде единствена земја од поранешна Југославија без свој претставник во АБА лигата.


