МЗТ Скопје ја мина и втората голема пречка и е на чекор од уште еден трофеј во македонската кошарка.
Откако вчера го понижи Работнички, тимот од Аеродром денеска беше убедлив и против вицешампионот Пелистер, совладувајќи го со 103-88. Битолчани ја избегнаа судбината на најтрофејниот тим во земјава бидејќи во третата четвртина предност на МЗТ Скопје достигна и 29 поени разлика.
Натпреварот многу наликувааше на оној што вчера го играа МЗТ и Работнички. Пелистер добро отвори, водеше со 6-0, 93 и 11-5 и го диктираше темпото нешто повеќе од три минути. Како и синоќа, МЗТ направи серија од 15-0 за водство од 20-11 и оттогаш до крајот неговата предност, а со тоа и победата, ниеднаш не беше доведена во прашање. Одбраната функционираше максимално, Пелистер имаше големи проблеми со организацијата на нападите, а дури и кога ударните играчи не беа на теренот, останатите продолжуваа со исто темпо.
На полувреме беше 60-40, а на две минути пред крајот на третиот период, МЗТ ги достигна највисоките +29 (80-51). Шутерското шоу на Лука Стојановски кој во последниот квартал погоди четири тројки, му помогна на Пелистер да избегне катастрофа на овој меч.
Андреј Маслинко одигра извонреден меч, постигнувајќи 29 поени со 10/10 од игра и само две промашувања од линијата за слободни фрлања, Петков постигна 14, а Војдан Стојановски 11. Лука Стојановски го предводеше Пелистер со 20 поени од кои најголем дел во последната четвртина.
За МЗТ Скопје утрешното финале ќе биде петто по ред и вкупно 18. во Купот на Македонија, а ќе се бори за 13. трофеј.


