Еден од најискусните стручњаци во Македонија, Александар Петровиќ и Кошаркарскиот клуб Пелистер денеска ја прекинаа соработката.
Според информациите од актуелниот вицешампион, Петровиќ поднесе оставка на својата функција, нешто за што се зборуваше откако во понеделникот Пелистер загуби на гостувањето кај МКК Куманово.
„Александар Петровиќ повеќе не е тренер на КК Пелистер откако овој искусен стратег си поднесе оставка од функцијата по поразот на гостувањето против Куманово.
Петровиќ пристигна на чело на стручниот штаб во текот на летото и му беа обезбедени максимални професионални услови за извршување на функцијата. Тој во целиот овој период ја имаше поддршката на раководството, но самиот донесе одлука да се повлече од кормилото, соопштувајќи ја истата на кошаркарите по последниот меч одигран во Куманово.
Кошаркарскиот клуб Пелистер јавно му се заблагодарува на Петровиќ за максималниот професионализам и посветеноста во овој период додека ја извршуваше функцијата во нашиот клуб. Исто така, му посакуваме многу среќа во идните ангажмани“, пишува во соопштението на Пелистер.
Под водство на Петровиќ, битолскиот тим имаше биланс 9/5 во домашното првенство, а испадна во првата фаза од АБА 2 лигата.


