Ден по завршувањето на „есенската“ полуетапа во Втората лига, Кошаркарскиот клуб Ангели го продолжи договорот со својот тренер Игор Гацов.
Соработката е планирано да трае уште четири години со тоа што првите две се задолжителни, а следните две ако двете страни се задоволни од сработеното. Гацов ја работи третата сезона како тренер на Ангели, претходните две го освои третото место и за малку не успеа да обезбеди пласман во елитната конкуренција, но во клубот постои расположение и оптимизам дека е дојден моментот за враќање во Првата лига.

Гацов е 47-годишен стручњак со долго тренерско искуство, меѓу другото и како предводник на најтрофејните македонски клубови Работнички и МЗТ Скопје. Во кошарката е речиси цел живот, играше во младинските категории на Работнички, настапуваше во младинските репрезентации на Македонија, играше и во странство, а извесен период работеше и како кошаркарски менаџер.
Што се однесува до Ангели, првиот дел од сезоната во Втората лига го завршија на првото место на табелата, со биланс од 9 победи и 2 пораза. Екипата е мошне млада бидејќи најголемиот дел од кошаркарите се уште се тинејџери.


