Поранешниот прволигаш Ангели е првопласиран на табелата во Втората македонска кошаркарска лига по првата полуетапа од ова натпреварување.
Во воведните 11 кола, оваа екипа оствари девет победи и два пораза и се наоѓа на челната позиција поради подобрата кош-разлика во однос на Соколи кои имаат идентичен биланс. Ангели го завршија првиот дел со серија од пет триумфи, а ја имаат најдобрата одбрана во лигата со 757 примени поени.

Сепак, далеку од тоа дека работата е завршена бидејќи освен тоа што по крајот од основниот дел има плејоф, разликата од првата до петтата позиција на табелата е само еден бод. Зад Ангели и Соколи се наоѓаат Маџари, Борец и Црн Дрим со по 19 бода и еден кикс е потребен за пад од првото на петтото место.
Од овие пет екипи треба да се бараат патниците во повисок ранг, меѓу другото и поради тоа што во нив играат многу прекалени кошаркари со завиден стаж во Првата лига, па дури и во сениорската репрезентација на Македонија.
Во Втората лига претстои пауза до 25 јануари кога продолжува натпреварувањето и борбата за пласман во повисок ранг.


