По точно една деценија, Кожув повторно ќе игра финале во Купот на Македонија откако вечерва го победи Гостивар и си обезбеди место во мечот за трофејот.
Тоа е и голем успех за тренерот на тимот Апостоли Апостолов кој сезонава доби поддршка од управата и го повтори најдобриот резултат во историјата на Кожув. Младиот стручњак по полуфиналниот меч истакна ја истакна жртвата која ја дадоа неговите играчи досега и посочи дека ќе се борат до последниот атом.
„Прво би сакал да им се заблагодарам на моите кошаркари, имав четворица повредени играчи уште од пред четвртфиналето, сите стиснаа заби и одиграа максимално ангажирано и одговорно. Секоја им чест, утре одиме да играме со МЗТ Скопје, што и да биде, ние играме на домашен терен, играме за нашиот град и ќе дадеме се од себе.
Јас не признавам фаворити, МЗТ Скопје е шампион, но јас не мислам дека е фаворит. Играме дома, ние сме шест играчи, тие се пет, ако одиграме како денеска, се е можно во финалето. Ова е голем успех за нашиот проект бидејќи во прв план се кошаркарите од Гевгелија, тоа и беше нашата замисла пред почетокот на сезоната и одиме до крај“, рече тренерот на Кожув.


