Со 33 години, Апостоли Апостолов е еден од најмладите тренери во македонското првенство, а безмалку целиот свој живот му го посвети на Кожув.
Играчката кариера ја помина во овој тим, пред крајот беше и капитен на екипата, потоа дел од стручниот штаб и последните две сезони прв тренер на гевгелискиот клуб. Со него се врзани двата најголеми успеха на Кожув во Купот на Македонија. Пред точно една деценија, тој се наоѓаше во тимот кој приреди сензација и го елиминира МЗТ Скопје во полуфиналето од Купот за прв пласман во мечот за титулата во ова натпреварување. Десет години подоцна, Апостолов повторно е во главна улога, но сега како тренер и повторно ќе биде дел од Кожув во борба за еден трофеј.
Единствено го немаше во финалето од плејофот во 2013 година кога Кожув загуби од МЗТ Скопје што беше најава за она што следуваше потоа.
На почетокот од својата играчка кариера, Апостолов беше редовен член на македонските младински селекции, во 2007 година настапи на Европското кадетско првенство што се одржа во Скопје, а четири години подоцна на младинскиот Еуробаскет во Сараево и тоа како капитен. Од таа генерација, активен е само уште Стојан Ѓуроски кој е член на Работнички и стандарден репрезентативец.


