Македонската кошаркарска репрезентација вечерва го игра вториот натпревар од претквалификациите за Светското првенство во 2027 година.
Нашите кошаркари гостуваат на Унгарија во Солнок откако двете репрезентации досега претрпеа по еден пораз, од Романија. Мечот е од големо значење, со оглед на тоа што две селекции одат во главните квалификации за Мундијалот.
Интересно е тоа што ФИБА за вечерашниот натпревар, за главен судија го одреди Хулио Анаја од Панама, држава која не е од Европа. Сепак, тоа не е изненадување бидејќи Анаја е меѓу 45. судии кои ќе водат натпревари на претстојниот Еуробаскет и денешниот меч за него ќе биде загревање за она што следува пред крајот на месецов и во септември. Тој е еден од најдобрите судии од американскиот континент и редовно е учесник на големите натпреварувања, вклучувајќи ги и Олимписките игри во Париз каде судеше лани.
Покрај Анаја, во судиската тројка се уште Александар Глишиќ од Србија и Мартин Вулиќ од Хрватска, арбитри кои исто така ќе учествуваат на претстојниот Еуробаскет.


