По победите во двата претходни дерби дуели, шампионот МЗТ Скопје денеска има уште еден тежок испит во домашното првенство.
Во „Јане Сандански“ доаѓа вицепрвакот ТФТ, лидер на табелата во Суперлигата и единствен со максимален ефект во досегашниот дел од шампионатот. Иако има уште многу да се игра, МЗТ Скопје е исправен пред предизвикот да победи бидејќи евентуален пораз ќе го однесе ТФТ на +3 во раната фаза од сезоната. Тренерот на МЗТ Скопје, Васко Атанасов добро знае како се играат вакви натпревари и очекува триумф во дербито од седмото коло.
„Влегуваме максимално фокусирани, спремни и со јасни цели во натпреварот против ТФТ. Очекувам интересен натпревар и ја поканувам публиката да дојде во што поголем број во Јане Сандански“, вели Атанасов.
Натпреварот во Аеродром се игра од 19 часот и со него почнува седмото коло од Суперлигата во кое има уште едно дерби, меѓу МКК Куманово и Пелистер. Што се однесува до МЗТ Скопје и ТФТ, тие имаат нови дуели од АБА 2 лигата идната недела.


