Триумфот во Купот на Македонија во Гевгелија им донесе голема радост на навивачите на МЗТ Скопје, но во исто време го вивна меѓу легендите актуелниот тренер на овој Васко Атанасов.
Струмичанецот ги води аеродромци од мај 2023 година кога го наследи Драган Николиќ и за помалку од две години стана најтрофеен тренер во историјата на МЗТ Скопје. Тој е прв со четири „големи“ трофеи или вкупно шест, ако се земат предвид и оние од Суперкупот на Македонија, натпреварување кое не се играше постојано од осамостојувањето на Македонија и многупати не се брои меѓу големите успеси.
Атанасов освои две шампионски титули и два Купа на Македонија, успех со кој не може да се пофали ниеден тренер во историјата на МЗТ Скопје. Првата титула ја освои непосредно откако беше назначен за тренер на клубот од Аеродром, во сезоната 2022/23, а втората минатата сезона, додека во Купот триумфираше лани во Битола и сега во Гевгелија. Со досегашните трофеи стана најмлад освојувач на шампионска титула во македонското кошаркарско првенство и втор најмлад во Купот на Македонија, а во исто време се израмни со Александар Књазев како единствени тренери на МЗТ Скопје со по два трофеја во Купот.
До саботата го делеше првото место на листата на тренери со најмногу трофеи со Алеш Пипан кој исто така има три (две титули и еден Куп), а зад нив се Александар Тодоров, Дарко Радуловиќ, Александар Јончевски и Зоран Мартиќ со по една титула и Куп и Александар Књазев со два Купа. По една титула имаат уште: Александар Петровиќ, Ѓорѓи Кочов и Анте Назор, а во Купот на Македонија триумфираа и: Лазар Лечиќ, Митко Луковски, Жељко Лукајиќ и Драган Николиќ.
Атанасов оваа сезона има шанса да стане и првиот тренер во историјата на МЗТ Скопје со три шампионски титули во македонското првенство.


