Најмладиот тренер во Првата македонска кошаркарска лига Васко Атанасов го освои и петтиот трофеј како тренер на МЗТ Скопје и го продолжи максималниот ефект во домашната кошарка.
Откако го презеде тимот во мај 2023 година, струмичанецот ниеднаш не е совладан во меч или серија за титула, а вечерва се закити со вториот пехар во Купот на Македонија. Заслужува честитки за тоа како ја подготви екипата бидејќи МЗТ Скопје не се мачеше со ниеден од трите ривали во Гевгелија.
„Кога ќе ги видите трите натпревари, може да забележите дека тоа е тотална доминација на МЗТ Скопје. На максимално ниво одигравме, перфектна одбрана, перфектна одбрана и заслужен триумф, затоа немам што многу да кажам за турнирот, момците кажаа се. Клучна за нашата победа беше тимската одбрана и ако морам некого да истакнам од овој меч, би го посочил Марко Миловановиќ кој во тешките моменти, одигра неколку добри напади и ни помогна резултатски да се одлепиме.
МЗТ Скопје дојде на овој Куп единствен со двајца странци, останатите имаа по четворица, а некои петмина. Тоа е уште еден сегмент кој е значаен во овој момент“, рече Атанасов.


