МЗТ Скопје го растури Работнички во четвртфиналето од Купот на Македонија и јасно им стави на знаење на останатите екипи кои се целите во ова натпреварување.
Мечот што требаше да биде дерби, заврши со победа на шампионот со 34 поени разлика, но тренерот Васко Атанасов не дозволува еуфорија да го понесе тимот затоа што амбициите се многу повисоки од пласман во полуфинале.
„Секое дерби е посебна приказна, имавме натпревари кои беа тесни и возбудливи. Денешниот меч беше некоја реакција кај моите кошаркари бидејќи рековме дека доаѓаме во Гевгелија за да го освоиме пехарот. И покрај убедливата победа, ние уште не сме задоволни бидејќи целта е триумф во Купот на Македонија. Уште мислам дека во Купот нема фаворити, но оставам на моите кошаркари на терен да го покажат својот квалитет“, рече тренерот на МЗТ Скопје.
Во полуфиналето, МЗТ ќе се сретне со Пелистер со кого лани играше во мечот за титулата и оствари тесна победа.


