Кочанскиот третолигаш Баскет Дино оваа недела ќе ги одигра преостанатите два натпревара во својата конкуренција.
Клубот загуби еден кошаркар во трагедијата во дискотеката во Кочани, а за живот се борат уште еден играч и шефот на стручниот штаб кои се меѓу тешко повредените. Во последните два меча, Баскет Дино треба да игра со Шкупи и Струмица Ролинг, а на двата натпревара ќе биде гостин иако првиот од нив требаше да го игра пред своите навивачи.
Екипите на Шкупи и на Струмица Ролинг ќе ги организираат натпреварите на домашен терен во знак на солидарност, поддршка и помош кон кошаркарскиот клуб од Кочани. Двата натпревара ќе бидат од хуманитарен карактер. Вратите на спортската сала СРЦ Кале каде Дино Баскет ќе настапи против Шкупи ќе бидат отворени за секого. В Струмица пак во спортската сала „Парк“, неколку дена подоцна, влезница за натпреварот ќе чини 100 денари, а целиот приход од продажбата ќе биде дониран. На влезовите во спортските сали каде ќе се одиграат двата меча ќе бидат поставени кутии за донации во кои секој којшто ќе влезе во салата ќе може да донира, колку сака и колку може, за оние на кои сега им е најпотребно.
Натпреварот помеѓу екипите на Шкупи и Баскет Дино е закажан за в четврток (27. март, 2025 година) со почеток во 19, a дуелот против Струмица Ролинг и Баскет Дино е закажан за в сабота (29. март, 2025 година) со почеток во 18:30 часот.


