Кошаркарките на Вардар се освојувачи на трофејот во Купот на Македонија во женска конкуренција за 2025 година.
Во финалниот меч, „црвено-црните“ од Кале го совладаа бранителот на пехарот Баскет Кам со 69-55 и на фантастичен начин го комплетираа прекрасниот викенд во Гевгелија за четврти триумф во ова натпреварување, прв откако тоа го носи името „Благоја Георгиевски Буштур“. Во овој град, пред шест години, Вардар го освои и третиот пехар во Купот.
Главната работа, Вардар ја заврши во вториот квартал кој го доби со 23-9 и на пауза замина со висока предност од 36-23. Во првото полувреме одлично функционираше шутот на „вардарки“ кои погодија осум тројки, односно 24, од вкупно 36 поени. Расположена беше Елена Тасевска на која во вториот дел ѝ се придружи Селцова и овој тандем беше најзаслужен за победата.
Кај Баскет Кам беше очаен во шутот од дистанца од каде не погоди ниедна тројка од 18 обиди. Бадијала беше одличната Кметовска која постигна 24 поени и 15 скока бидејќи Вардар имаше две одлични кошаркарки – Селцова која постигна 25 и Тасевска 22 поена.


