Разликата меѓу МЗТ Скопје и ТФТ повторно изнесува само еден бод откако тимот од Тафталиџе вечерва славеше во скопското дерби со Работнички со 81-79.
Иако славеше во најголемиот дел од мечот, ТФТ до победата стигна во самиот финиш, а малку недостасуваше бодовите да ги освои најтрофејниот тим во земјава. Највисоката предност изнесуваше 14 поени, но сепак се се решаваше во последниот напад.
ТФТ одлично го почна натпреварот, по 4-4, направи серија од 12-0, а во тој период Работнички остана без еден од најдобрите во тимот Имран Полутак кој беше исклучен поради неспортска и техничка грешка. Тоа му ја олесни работата на домашниот тим, но Работнички не се предаде и дури по исклучувањето на Полутак заигра подобро. Не само што ја стопи негативата, туку на минута пред крајот на првото полувреме поведе со 47-46 а Зафиров со тројка да му донесе предност на ТФТ од 49-47 по 20 минути игра.
Како што почна првото, така и второто полувреме, ТФТ отвори со 10-0 и отиде на +12, подоцна и на +14 (64-50), но Работнички одговори со девет поени по ред со што се врати и драматиката на мечот. Се чинеше дека се е готово на помалку од две минути пред крајот кога домаќинот отиде на 80-72, но Капетанови и Шошкиќ погодија тројки, а Марковиќ слободно фрлање и Работнички намали на само еден поен негатива (79-80). Зафиров му даде нова шанса на противникот со тоа што промаши еден од двата „пенала“ и Работнички доби 20-тина секунди за организација на последниот напад. Топката дојде кој Шошкиќ кој со истекот на времето се обиде да погоди тројка, но беше непрецизен и ТФТ почна да слави.
Евентуална победа можеше да го однесе Работнички на второто место на табелата, но до неа успеа да дојде. Говенс беше најефикасен на мечот со 29 поени, додека Капетановиќ со 18 поени го предводеше Работнички.


