Македонскиот репрезентативец Теодор Симиќ го одигра својот најдобар натпревар сезонава и имаше најголема заслуга за петтата победа на Кожув во домашното првенство.
Гевгеличани без поголеми проблеми ги совладаа Ангели со 89-59 и со овој триумф го поминаа Работнички, за пласман меѓу најдобрите пет на табелата во Суперлигата. Важен момент е и тоа што во петтиот меч на домашен терен Кожув ја оствари само втората победа.
Ангели добро го почнаа натпреварот и во четвртата минута водеа со 14-8. Кожув успеа да ја достигне негативата, но на крајот од првиот период имаше само еден поен предност (21-20). Победникот беше решен во втората четвртина која домаќините ја добија со 20-9, за во последните десет минути Кожув дури да се избори за убедлива победа.
Симиќ го заврши натпреварот со моќен дабл дабл од 18 поени и 16 скока со шут од игра 70% и сите четири погодени слободни фрлања. Најефикасен кај Кожув беше Николас со 24 поени, но со 16 минути повеќе поминати во игра и шут од игра 7/17, вклучувајќи 0/5 за тројка. Андреј Настовски со 13 поени го предводеше гостинскиот тим.


