Откако ги загуби првите шест натпревари во сезоната, екипата на Чаир сега се наоѓа во серија од четири победи, како резултат на кои се искачи на седмото место на табелата.
Вечерва чаирчани го совладаа својот градски ривал Ангели со 103-79, резултат кој и беше очекуван со оглед на разликата во квалитетот. Ангели неодамна се засилија со двајца странски кошаркари, но и тоа не им помогна да направат изненадување на денешниот меч.
Рамноправни беа во првите 13 минути, а потоа почна доминацијата на Чаир. По 32-30, домаќините направија серија од 12-0 за водство од 14 разлика кое подоцна успеаја и да го зголемат до крајот на мечот.
Билингсли со 27 поени беше најефикасен во тимот на Чаир, Тачи додаде 21, а Рушити оствари дабл дабл со 16 поени и 11 асистенции. Новиот играч Фордхам ги предводеше Ангели со 17 поени.


