Комесарот за натпреварување при Кошаркарската федерација на Македонија, Александар Милојевиќ донесе одлука за инцидентите што се случија по неделниот натпревар меѓу Чаир и МКК Куманово, во десеттото коло од Првата лига.
Домаќинот и негови членови се казнети со вкупна сума од 90 илјади денари, по повеќе основи. Кошаркарскиот клуб Чаир е казнет со 16 илјади денари и еден натпревар без публика „поради влегување на неслужбени лица на теренот за играње“ и уште 10 илјади денари за јавно коментирање на судењето. Покрај тоа, првиот тренер е казнет со 32 илјади денари и суспензија на еден меч, како и неговиот помошник со 32 илјади денари и суспензија на еден меч.
Казната од еден меч без публика, Чаир ќе ја „одлежи“ во 13. коло кога во својата сала го пречекува тимот на Феникс.


