Четири часа поминаа откако почна расправата на годишното Собрание на Кошаркарската федерација на Македонија, а на повидок нема решение и прашање е дали седницата ќе заврши.
Во моментов има пауза откако двете страни влегоа во пат-позиција. Иницијативниот одбор има мнозинство и бара во дневниот ред да се внесе точка за гласање на доверба на претседателот Перо Антиќ, но првиот човек на Федерацијата и неговите соработници не дозволуваат такво нешто, од две причини. Првата е членот број 39 во Статутот на КФМ: „Мандатот на Претседателот на Федерацијата трае четири години, но минимум две години од започнат, обновен или потврден мандат не може да се поднесува Иницијатива од страна на членките на Собранието на КФМ за одржување на Вонредно изборно Собрание“. На него се повикува раководството на Федерацијата и не сака никако да попушти.
Втората причина е тоа што иницијаторите за смена на раководството навреме не побарале промена на дневниот ред иако, како што велат од Федерацијата, тој им бил доставен пред две недели.
Меѓу другите говорници, зборуваше и претставникот на Македонскиот олимписки комитет, Владимир Богојевски кој посочи дека евентуална смена на претседателот во овој момент може да предизвика проблеми на Федерацијата со МОК и со ФИБА. Во исто време тој ги посоветува претставниците на клубовите да почекаат до крајот на оваа сезона и потоа, евентуално, да побараат смена на првиот човек.


