Навивачката група „Сити Парк Бојс“ јавно го изрази своето незадоволство од моменталната состојба во која се наоѓа поранешниот шампион на Македонија, Работнички, упатувајќи остри критики кон управата на клубот.
За време на дуелот против ТФТ, навивачите порачаа дека ситуацијата е алармантна, а дека одговорноста ја сносат оние кои го водат клубот. Работнички и во второто коло од домашниот шампионат настапи само со домашни кошаркари, кои успеаја да пружат отпор на ТФТ само во првото полувреме, по што противникот ја презеде контролата врз натпреварот и оствари убедлива победа.

Од „Сити Парк Бојс“ нагласуваат дека следната недела е клучна за стабилизирање на клубот. Потребно е што поскоро да се регистрираат странските засилувања, со цел тренерот Владимир Мирковски да може конечно да располага со комплетен состав и да создаде конкурентен тим.
Дополнително, од „Сити Парк Бојс“ потсетуваат дека во ноември Работнички треба да се врати во својот дом – салата „Градски парк“ и тоа за дуелот против МЗТ Скопје кога љубителите на кошарката ќе се потсетат на најголемото дерби во мак-баскетот.


