Синоќа во Скопје беше забележан еден од најинтересните резултати во историјата на македонската кошарка.
Вардар како ко-лидер на табелата го пречека Патриот од Делчево и го победи со неверојатни 101 поен разлика (136-35). Чудото беше најавено уште во воведната фаза од натпреварот, Вардар отвори со 27-0, Патриот го постигна првиот кош на почетокот од седмата минута, а на крајот од првата четвртина „црвено-црните“ водеа со 43-6.
Најдобриот период на гостинките беше стартот на вториот период во кој постигнаа пет поени по ред, но на голем одмор Вардар веќе имаше 80 постигнати поени. Во второто полувреме Вардар малку го наали темпото за што една од причините беше тоа што минутажа добија помладите кошаркарки, но Патриот во последниот период постигна само три поени.
Младата Јана Пислевска беше најефикасна кај Вардар со 25 поени, а во историјата се запиша Елена Тасевска која стана една од ретките со трипл дабл во македонската кошарка, постигнувајќи 20 поени, 14 скока и 10 асистенции. Гостинките имаа дури 39 загубени топки, а Сара Атанасовска постигна повеќе од третина поени на својот тим – 12.


