Ако МЗТ Скопје го одбрани трофејот во Купот на Македонија, капитенот на овој тим Дамјан Стојановски ќе стане ко-рекордер во ова натпреварување.
Во таков случај, за легендарниот бек на МЗТ, ова ќе биде јубилеен десетти пехар во Купот и со тоа ќе се израмни со Перо Блажевски кој засега е „крал“ на Купот на Македонија. Дамјан во моментов е осамен на втората позиција откако минатата година го помина неговиот повозрасен брат Огнен кој во својата кариера освои осум трофеи.
Од досегашните девет, Дамјан со МЗТ Скопје дојде до седум титули во Купот, а по еден има со екипите на Вардар (2007 година) и Амак СП (2009). Перо Блажевски освојуваше трофеи со четири тима: МЗТ Скопје (4), Работнички (4), Николферт (1) и Вардар (1). Интересно е тоа што во 2007 година, тој и Дамјан Стојановски играа заедно во екипата на Вардар која триумфираше во Купот на Македонија. Во тој момент, тоа за Блажевски беше деветти, а за Дамјан прв триумф во ова натпреварување.


