На денешниот натпревар против Полска, од македонската репрезентација официјално ќе се прости нашиот легендарен кошаркар Дамјан Стојановски.
Капитенот на МЗТ Скопје не е во составот за последниот квалификациски дуел, но ќе добие почест за сето она што го направи во својата репрезентативна кариера. Нејзин член беше повеќе од 15 години и, меѓу другото, учествуваше во остварувањето на најголемиот успех, четвртото место на Европското првенство во Литванија во 2011 година.
Заедно со неговиот брат Војдан, тој е единствен преостанат член од славната генерација што го оствари историскиот резултат, а кој се уште настапува во националниот тим. Покрај тоа Европско првенство, Дамјан играше и на континенталните шампионати во 2009, 2013 и 2015 година.
За жал, не му се исполни големата желба, во репрезентативна пензија да замине со петти настап на европските првенства.


