Новиот член на елитната македонска кошаркарска лига Маџари ја оствари втората победа во сезоната откако вечерва славеше на гостувањето кај Кожув со 84-79.
Четата на Миодраг Тодоровиќ одигра исклучително зрело, се наоѓаше во водство безмалку цел натпревар, а конечниот резултат дури и не дава реална слика на она што се случуваше на теренот бидејќи во третиот период Маџари имаше предност и од 24 поени разлика. Кожув имаше свои моменти во првото полувреме, водеше со 4-0 и 7-3 во воведните минути и уште неколку пати во вториот период, но потоа контролата ја презеде гостинскиот тим.
Клучна се покажа серијата на Маџари од 18-0 пред крајот на втората и почетокот на третата четвртина по која гостинскиот тим отиде на огромни 53-33 за на три минути пред завршувањето на третиот квартал да ги достигне највисоките +24 (64-40). Кожув не се откажа, на почетокот од последниот период намали на 58-68, а на две минути пред крајот и на 68-74, но гостите искусно и умешно ја сочуваа предноста за прва гостинска победа во елитната конкуренција.
Цела стартна петорка на Маџари имаше двоцифрен ефект, а ја предводеше ветеранот Димчевски кој постигна 18 поени. На спротивната страна се истакна Николас со 29 поени и 13 скока, но недоволни за победа на Кожув.


